Непотребно е донесувањето на законот за амнестија, изјави на 30 септември министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој смета дека неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.

Владата на 26 септември го усвои Предлог законот за амнестија.
Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.

Министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски изјави дека сега не е соодветно време за носење на закон за амнестија, ниту пак со него ќе бидат опфатени повеќе луѓе и на тој начин нема да помогне многу.

„Но, сега тоа е работа на Собранието. Нема да имаме никакви ефекти во однос на носењето на законското решение. Нема да допринесе значително да ослободат места или да се намали притисокот на казнено-управните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетите на затворските институции“, изјави министерот Спасовски, кој денеска беше во тренинг центарот во Идризово.

Идризово е најголемиот затвор во земјава и се наоѓа во близина на Скопје.

Министерот вели дека амнестираните многу често по излегувањето од затвор ги повторуваат делата.

Предлог законот за амнестија го предложи Министерството за правда, поради потреба од ресоцијализација на определен број осудени лица, пренатрупаност на затворите и лоши услови за престој во нив.

Ако се донесе овој законот, тоа ќе биде шести закон за амнестија во државава од осамостојувањето.