ВТОР ДЕН ОД СУДЕЊЕТО: Трамп побара санкции против државната обвинителка

/ 03.10.2023

Денеска на Менхетен продолжи судењето на Доналд Трамп, што може да му нанесе голема штета на поранешниот американски претседател и неговата империја со недвижнини и да го ограничи неговиот бизнис во Њујорк.

Трамп, фаворит за претседателската номинација на републиканците во 2024 година, е обвинет заедно со неговите два сина и речиси десетина деловни соработници за надувување на вредноста на неговиот имот за милијарди долари за да обезбеди поповолни услови за кредитирање и осигурување.

Демократската јавна обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс бара парични казни од најмалку 250 милиони долари, трајна забрана против Трамп и неговите синови Доналд Џуниор. и Ерик да водат бизнис во Њујорк и петгодишна забрана за комерцијални недвижности за Трамп и неговите компании. Судењето започна една недела откако судијата Артур Енгорон, кој го води случајот, утврдил дека Трамп е одговорен за измама.

Енгорон наредил откажување на лиценците што им дозволуваа на некои компании, вклучувајќи ја и организацијата Трамп, да работат во Њујорк. Тој нареди и да се назначи стечаен управител кој ќе раководи со распуштањето на компанијата. Трамп ја негира вината, а неговите адвокати најавија жалба.

Неговото судење започна вчера. Тој седеше стуткан на обвинителната клупа и повремено разговараше со своите адвокати додека Кевин Валас од канцеларијата на државното обвинителство го обвинуваше дека „лаже од година во година“ во финансиските извештаи што им ги давал на заемодавците и осигурителите од 2011 до 2021 година.

Адвокатот на Трамп, Кристофер Кисе, во воведната изјава рече дека проценките на Трамп всушност ја потценуваат вредноста на неговите имоти и се засноваат на деловната итрина што му овозможила да изгради „една од најуспешните империи за недвижнини во светот“.

Денеска Трамп продолжи да ја повикува Џејмс, барајќи санкции против неа, како и судијата да го отфрли случајот. „Целиот овој случај треба да се отфрли“, објави Трамп на својата социјална мрежа. Трамп ги искористи зголемените правни проблеми во последниве месеци за да собере средства за неговата претседателска кампања.

Тој ги обвини демократите, без да наведува докази, дека користеле лажни судења за да го спречат поранешниот претседател да се врати во Белата куќа. Ниту четирите криминални случаи, ниту тужбата на јавниот обвинител не ја намалија неговата предност пред ривалите во трката за републиканска претседателска номинација, покажуваат анкетите.

Трамп е обвинет во Вашингтон дека се обидел да го поништи неговиот пораз на претседателските избори во 2020 година, во Џорџија беше обвинет дека се обидел да ги поништи резултатите од претседателските избори во таа држава, во Флорида за ракување со доверливи документи по напуштањето на функцијата претседател на САД, и во Њујорк за тајно плаќање на порно ѕвезди. Трамп ја негира вината во сите четири случаи.


Од истата категорија