Иранката Наргес Мохамади, која отслужува 12-годишна затворска казна е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година.
Одборот за наградата го повика Иран да ja ослободи Мохамади, еден од водечките активисти за правата на жените и за укинување на смртната казна во Иран.
Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите. Наградата, исто така, им оддава признание на стотиците илјади луѓе кои протестираа против дискриминацијата и угнетувањето на жените во Иран. Само со прифаќање на еднакви права за сите светот може да постигне братство меѓу народите што (основачот на наградата) Алфред Нобел се обиде да го промовира – истакна директорката на норвешкиот Нобелов комитет Берит Реис-Андерсен.
Мохамади во моментов отслужува повеќекратни казни во затворот Евин во Техеран со вкупна должина од 12 години затвор. Неколку пати беше осудувана поради кампањата против смртната казна, а неколку пати беше и затворена во самица. Мохамади моментално отслужува казна од 10 години и 9 месеци под обвинение за дела против националната безбедност и пропаганда против државата. Таа беше осудена и на 154 удари со камшик, но оваа казна најверојатно до сега не е извршена. Нејзе и е забрането да ја напушта државата.
Таа е заменик-директорка на невладината организација Центар за заштита на човековите права, основана од Ширин Ебади, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2003 година.
Мохамади е 19-та жена што ја освоила наградата стара 122 години и прва откако Марија Реса од Филипини ја освои наградата во 2021 година заедно со Русинот Дмитри Муратов.
Нобеловата награда за мир, вредна 11 милиони шведски круни (околу 950.000 евра), ќе биде врачена во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Нобел, кој ја основал наградата во 1895 година.