Во Словенија живеат 20 илјади граѓани на Македонија кои станаа словенечки граѓани. Има и околу 20 илјади кои работат во Словенија како македонски граѓани. Словенија е прва локација за студенти од Македонија. Таму студираат скоро 800 студенти од Македонија и тоа е најголема бројка во поширокиот регион. Само оваа година од битолската гимназија, 50 ученици отидоа да студираат во Словенија. Медицина, општествени и технички науки.
Ова меѓу другото го изјави словенечкиот амбасадор Милан Јазбец при денешната посета на Кавадарци, одговарајќи на прашање од МИА.
Рече дека се одлични односите помеѓу двете земји и дека македонските граѓани таму се чувствуваат како дома.
-Ако младите се чувствуваат како дома, нема да ја заборават својата татковина и веројатно ќе се вратат назад. А ако одат на друг крај од светот, нема да се вратат, што е многу важно, нагласи тој.
Притоа додаде дека таму работат неколку Македонци кои се светски стручњаци во својата област и можат да работат каде било во светот.