Доколку не поминат уставните измени и не станеме членка на ЕУ, треба да се размислува за нов Устав, изјави денеска лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

– Ако не се случат уставните измени, ви гарантирам дека ќе дојде до една колективна депресија во општество. Со тоа ќе ја изгубиме и таа капка надеж да се започне со реформите и можноста со членството во ЕУ, да се подобрат состојбите во правосудството, борбата против корупцијата и криминалот. Тогаш треба да размислуваме за нов Устав, како што рече претседателот Пендаровски – потенцира Таравари.

Тој појасни дека во албанскиот блок постои јасен став за поддршка на уставните измени и очекува дека сепак ќе се случат.

– За Македонија е добро е да поминат уставните измени, бидејќи радикалните изјави во македонскиот блок создаваат реакција и појава на такви феномени кај албанскиот блок. Засега кај албанскиот политички блок нема партија, ниту такви радикални ставови, бидејќи сите се обидуваме да поминат уставните измени. Меѓутоа кога постои една Левица кај Македонците, тогаш за очекување е да се појави една десница кај Албанците со слични ставови – рече Таравари.

Според него, промената на Уставот треба да оди во насока на уредување со поголема децентрализација и помал број на општини, како што вели, на околу триесетина. На тој начин, смета, освен фискално децентрализирани тие би имале помало влијание од министерствата и премиерот.

– Сметам дека со таквиот начин, локалните самоуправи сами би одлучувале и назначувале локални функционери, како претседател на општински суд, обвинителство, шеф на полицијата, директор на болница – вели Таравари.

Тој смета дека е потребно да се развие поширока дебата и за парламентот, односно тој да биде составен од два дома.

– Во Македонија сè уште има некои табу теми за кои не само што не се зборува за нив, туку не се ни размислува. Сметам дека еден дом треба да е составен од претставници на локалната власт, како на пример од градоначалниците на триесетина поразвиени општини, а во другиот би биле претставници на избрани од народот, пратеници. Тоа е една опција, можеби постојат и други решенија. За ова треба да се разговара јавно и да се види што би било најфункционално за развој на државата, доколку не ги започнеме преговорите за членство во ЕУ – потенцира, Арбен Таравари, лидер на АА и градоначалник на општина Гостивар.