За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да се договори датум за избори во Собранието, предлог кој вчера го понуди премиерот и прв човек на СДСМ, Димитар Ковачевски. Ова го соопшти лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој изјави дека нема намера да влегува во партиска преписка со СДСМ за тоа дали треба или не треба лидерска средба.

„Нема да влегуваме во менталниот склоп на фрустрирани луѓе, доколку ценат дека на тој начин ќе излеземе од потенцијалната политичка и уставна криза, нема проблем прифаќаме се’ и во Собрание нека биде, еве работни групи нека седнат нека разговараат“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара од Ковачевски да именува луѓе кои ќе бидат подготвени да разговараат за датумите за одржување на претседателски и парламентарни избори, бидејќи според него, „премиерот се однесува кукавички затоа што постојано бега од избори, лидерска средба и дуели“.

„Ако тој се плаши, нека именува луѓе кои се подготвени да седнат со луѓето од ВМРО-ДПМНЕ и да разговараат, бидејќи за неколку месеци од денеска имаме два клучни процеси за иднината на Македонија, а тоа се претседателски и парламентарни избори“, посочи Мицкоски.

Вчера, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека во однос на изборите, ставот на партијата е тие да бидат редовни. Но, за времето кога би се одржале, рече дека „тоа е нешто кое може да се разговара“.

„Во однос на тоа во кој месец ќе биде, тоа е согласно роковите во Собранието, сметам дека тука треба да седнат претставници на политичките партии на работно ниво кои што ќе можат да разговараат за деталите“, истакна Ковачевски.