Мажот што јадел од зелникот со праз е во стабилна состојба, а бабата која ја спремала смртоносната пита се уште е во кома во тешка состојба и сместена е на Карил. Семејниот ручек стана кобен за 47-годишната жена, која вчера почина на болница поради труење со „метомил“ пестицид. Од Токсикологија ги потврдија овие информации и велат дека овој отров бил премногу јак и во прашање се доведува животот на луѓето. Засега е непознато како отровот завршил во јадењето.
Денеска ќе се врши обдукција на телото на 47-годишната скопјанка. Од Обвинителството и МВР велат дека се подигнати доказни материјали за вештачење и дека се работело на расчистување на случајот.
Лекарите велат дека овој отров е строго забранет во земјите од ЕУ, и истиот е забранет во Македонија. Како и каде се продавал кај нас, треба да кажат други институции, велат докторите.
И мала количина од оваа група пестициди доколку се внесат во организмот може да биде фатална или да предизвика сериозни компликации врз здравјето. Станува збор за труења со висока смртност, примарно го напаѓаат нервниот систем, но и сите останати органи. Смртноста кај нив најчесто резултира со попуштање на центарот за дишење, вели професорката Переска.
Жената заедно со својот сопруг и свекрва со кој живееле во иста куќа во општина Кисела Вода, јаделе домашна пита во дворот, по што комшијата ги видел како лежат на земја и притрчал да помогне.
Неофицијално станува за збор за ненамерна грешка, на бабата која ја месела питата во летната кујна во дворот. Таа најверојатно наместо брашно ставила од отровот кој го чувале во тегла, за заштита од глувци. После јадењето, сите се затруле, почнале да се гушат, доживеале срцев удар кој не го издржа 47-годишната жена.