На Клиниката за онкологија во Скопје на започна монтажата на новиот акцелератор, соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити.

Инсталацијата на новиот линеарен акцелератор се предвидува да заврши за три до четири месеци, по што тој ќе биде пуштен во употреба.

„Во првата фаза се предвидува физичка инсталација на системот, по која следат мерења, калибрации, моделирања на системот до конечно пуштање во употреба. Исто така се предвидува вршење на обука за работа до апаратот“, вели Меџити.

Акцелераторот што се користеше досега беше стар околу 20 години, а неговата деинсталација започна во август годинава. Потоа беше направена адаптација и реновирање на бункерот.

Некористењето на новиот апарат за лекување на болните од рак на Клиниката за онкологија беше и еден од проблемите што ги нотираше Државниот завод за ревизија.

Радио Слободна Европа во 2021 година истражуваше за набавени три медицински апарати уште во 2013 година вредни милиони евра за лекување на канцер кои фаќаат прашина во магацин затоа што за нив не е изграден соодветен бункер каде што требало да бидат сместени.

Станува збор за линеарни акцелератори кои зрачат високоенергетски зраци, со чија помош локално се уништуваат туморските клетки или во најмала рака го стопираат нивниот раст и развој.

За време на мандатот на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во 2013 година беа набавени четири линеарни акцелератори. Еден за градската болница „8 Септември, кој свечено го пушти во употреба поранешниот министер Венко Филипче во 2019 година, пет години откако беше купен.

Вториот беше наменет за државната клиника за онкологија и беше поставен во 2015 година, две години по неговата набавка, но до сега немаше информација дали во тој период беше пуштен во употреба. Ревизорот сега утврдил дека за овој апарат нема соодветна просторија. Другите два линеарни акцелератори беа наменети за Битола и Штип, а нивната вредност според Министерството за здравство изнесуваше 3,2 милиони евра.