ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против корупција и криминал од една страна затоа што оваа структура на луѓе сака да ги задржи младите во државава, но и поради уште една работа. Ние мора да се бориме против корупција, криминал, сива економија, немаме простор, Буџетот веќе не остава простор. Во седум години владеење на СДСМ јавниот долг во државата е зголемен за 3,6 милијарди евра, рече Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.
Димитриеска Кочоска се осврна на разликата на јавниот долг сега и претходно.
„За разлика од тоа за 10 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ имаме зголемување на јавниот долг за 2,8 милијарди евра. Значи од 2,8 за 10 години на 3,6 за 7 години. Патишта видовме да изградат, во некое друго време патишта се изградија, зборуваат глупости и не знам како не се срамат. Дали нешто се направи за образование, дали се направи нов клинички центар, кратат пари за доедуцирање на лекари, инвестиции во култура има, нема и слично“, кажа Димитриеска Кочоска.
Оваа Влада лаже, лажат сите од власта, вели Димитриеска Кочоска говорејќи за постапките на претставниците на власта.
„Еден вицепремиер како Фатмир Битиќи треба да знае за секоја една инвестиција бидејќи е платена од Буџетот, треба да знае колку точно е платено и уште колку треба да се плати. Колку инвестиции има државава во нивно време, ама не зборат затоа што не им одговара. Знаете зошто? Затоа што сега ако ги погледнеме капиталните расходи ќе видиме дека таму има комплетно неправилно евидентирање на трошоците или расходите. Тоа значи дека Влада носи одлука за над 300 милион евра, еве 230 милиони евра во 2022 година пари кои ќе се префрлат на ЕСМ притоа 97 милиони од тие пари се префрлаат како капитални инвестиции и со таква трансакција се евидентираат, а ЕЛЕМ ги користи за оперативни расходи. Е сега ако вицепремиерот тргне да образложува инвестиција треба да го каже ова, а тоа не му одговара“, изјави Димитриеска Кочоска.
Оттука, ако се има во предвид погоре кажаното, додаде Димитриеска Кочоска станува збор за тоа дека станува збор за лажирање на финансиски извештаи. Таа посочи дека сето ова треба да се провери затоа што ако е вака е кривично дело и за тоа се одговара.
„Сето ова ќе се испита, како се носеле одлуки, како се евидентирало. Ние не знаеме за колку вакви случаи станува збор, ако ние не гледаме со голо око инвестиција тогаш значи парите одат за нешто друго“, кажа Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска се осврна и на фактот дека во последните три години има голем буџетски дефицит.
„Што значи тоа? Тоа значи дека трошиме многу повеќе од тоа што прибираме. Три години по ред имаме 500 милиони евра дефицит. И во континуитет има задолжување. Во исто време не се борат со сива економија и што гледаме? Зголемување плати, легитимно е народот си бара и треба да бара зошто трошоците се многу зголемени, парно поскапи, се поскапува. Притоа не се способни ветерниот парк втора фаза да го завршат им го оставивме готов и понатаму нема ништо. Една работа не можат да ја завршат. Махери се само да упропастат се“, рече Димитриеска Кочоска.
Димтриеска Кочоска посочи дека новата влада ќе тргне од многу длабоки минуси и ќе биде тешко, ама се се средува и за сите ќе важи истото правило.