Претседателот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири, изјави дека премиерот Албин Курти, со недостигот на транспарентност за преговорите меѓу Косово и Србија со посредство на Европската унија, создаде токсична клима во дијалогот и доведе до санкции од ЕУ и САД за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешната дебата по извештајот на Курти за текот на преговорите меѓу Приштина и Белград, Тахири побара да се објави нацрт-статутот за Заедницата на општините со српско мнозинство, кој западните емисари пред две недели им го презентираа на косовскиот премиер и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а за кој Курти рече дека го прифаќа.
– За жалење е што преку овој задоцнет извештај дознаваме работи дека Албин Курти намерно или ненамерно му прави услуга на Александер Вучиќ со тоа што ги чува информациите (за нацртот) како доверливи. Ваков пристап не треба да има еден премиер. Недостатокот на транспарентност покажува дека е создадена токсична клима во дијалогот. Србија е заинтересирана за статус кво. На надворешен план, Курти со експерименти успеа да создаде клима за воведување санкции кон Косово. Овој премиер ја наруши целата своја политичка филозофија од првиот ден до денес за да ја постигне својата цел. Јавно го прашувам премиерот на Косово: Можете ли да ни кажете што е овој нацрт?, праша Тахири.
Тој рече дека Косово, во врска со транспарентноста, не треба да учи од Србија, која, според него, има агенда да им наштети на државотворните интереси на Косово.
– Доверливоста може да е тактика на Вучиќ, но за Курти недостигот на транспарентност е ароганција и продолжување на измамата од првиот ден. Додека Вучиќ ги споделува и ги разработува информациите со Кина и Русија, Курти не ги споделува ниту со нас ниту со матична Албанија, рече Тахири.