Бараме она што заслужено треба да го добиеме, а тоа е пензија за достоен живот, порачаа од денешниот протест пензионерите од Прилеп и повикаа на утрешниот голем протест пред Владата во Скопје.
Тие нагласија дека не сакаат социјални мерки коишто ги најавува Владата оти не се социјална категорија.
Бараме она што заслужено треба да го добиеме, а тоа е пензија за достоен живот, порачаа денеска пензионерите од Прилеп коишто протестираа во централното градско подрачје. Тие нагласија дека не сакаат социјални мерки коишто ги најавува Владата оти не се социјална категорија.
Пензионерите се разочарани од тоа што власта не сака да ги слушне нивните барања за линерано зголемување на сите пензии по 5.000 денари, а најмалата пензија да биде 20.000 денари. И побараа поддршка од сегашниот шеф на државата и екс претседателите на Македонија.
-Како еднаш Претседателот на Македонија, кој е татко на Македонија не најде за сходно да не спомене како категорија. Поздрав до Бранко Црвенкоски кој е еден пензионерите со највисоки примања во Македонија и највисоки бенефиции, кои ги поседува со лично обезбедување, автомобили, на наш грб. Исто и Ѓорѓе Иванов. Каде се? Ги повикуваме јавно од Прилеп, градот борец, утре во 12 часот да дојдат пред Влада нека го слушнат нашиот глас, изјави пензионерката Верче Јанческа.
Крајно се револтирани и од претседателката на Сојузот на пензионерски здруженија, Станка Трајкова, не само што не ги поддржувала туку на сите Здруженија по градовите им забранила да обезбедат автобуси за утрешниот протест во Скопје. Уште еднаш обвинија дека со пари од македонскиот пензиски фонд за исплаќаат пензии за граѓани од Косово.
-Нека има доблест министерката и нека каже колку имаме пензионери од Косово, а колку од Македонија. Имаме пензионери и по рамковен договор кој воопшто немаат ниту еден ден работен стаж, а сега веќе од 2001 година досега се стекнаа со тие 15 години стаж, а воопшто не влегоа во работните организации, додаде Јанческа.