Голем пензионерски протест е најавен за денеска и како што е најаваено истиот ќе се одржи на пладне пред Владата во Скопје.
Протестот, кој според најавата, ќе почне во 12 часот беше најавен на вчерашниот протест на пензионерите во Прилеп. Пензионерите вчера нагласија дека не сакаат социјални мерки кои ги најавува Владата оти, како што велат, ние не сме социјална категорија.
– Бараме тоа што заслужено треба да го добиеме, а тоа е пензија за достоен живот, порачаа вчера пензионерите од Прилеп.
Пензионерите се разочарани од тоа што власта не сака да ги слушне нивните барања за линерано зголемување на сите пензии по 5.000 денари, а најмалата пензија да биде 20.000 денари.
Тие вчера побараа поддршка и од сегашниот шеф на државата Стево Пендаровски, како и од екс претседателите на Македонија.
-Како еднаш Претседателот на Македонија, кој е татко на Македонија не најде за сходно да не спомене како категорија. Поздрав до Бранко Црвенкоски кој е еден пензионерите со највисоки примања во Македонија и највисоки бенефиции, кои ги поседува со лично обезбедување, автомобили, на наш грб. Исто и Ѓорѓе Иванов. Каде се? Ги повикуваме јавно од Прилеп, градот борец, утре во 12 часот да дојдат пред Влада нека го слушнат нашиот глас, беше кажано на вчерашниот протест во Прилеп.
Тие се крајно се револтирани и од претседателката на Сојузот на пензионерски здруженија, Станка Трајкова, која како што беше кажано, не само што не ги поддржувала туку на сите здруженија по градовите им забранила да обезбедат автобуси за денешниот протест во Скопје. Пензионерите вчера обвинија дека со пари од македонскиот пензиски фонд за исплаќаат пензии за граѓани од Косово.
-Нека има доблест министерката и нека каже колку имаме пензионери од Косово, а колку од Македонија. Имаме пензионери и по рамковен договор кој воопшто немаат ниту еден ден работен стаж, а сега веќе од 2001 година досега се стекнаа со тие 15 години стаж, а воопшто не влегоа во работните организации, беше кажано на вчерашниот протест во Прилеп.