Извештајот на ЕК се стреми кон тоа да даде јасна и објективна оценка за напредокот. Иако, потенцира одредени области каде е постигнат напред, тој е многу искрен за одредени области каде не е постигнат напредок или пак има ограничен напредок, особено во оние области кои што ние ги сметаме за толку важни што ги опишуваме како дел од основите во пристапните преговори како што се владеење на правото, борба против корупција, реформи на јавната администрација, и основните чевекови права, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по повод Извештајот на ЕК за напредокот на земјава за 2023 година.

-Извештајот е искрен, но правичен, со тоа ние сакаме да ги охрабриме властите, државните иунстутции, како и сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните и во интерес на патот кон членство во ЕУ, рече Гир.

Извештајот, кој што го покрива периодот од доцната есен 2022 година до летото 2023, потенцира Гир, доаѓа во контекст кога имаме значајна динамика во проширувањето, особено по незаконската руска агресија во Украина, при што рече, сите разбираме дека проширувањето е во наш заеднички интерес, се работи за просперитет, демократија, но и за стабилност и безбедност. Потврда за тоа се, рече евроамбасадорот, вчерашните историски препораки за почеток на преговорите со Украина и Молдавија.

-Сакаме Македонија да ја искористи оваа динамика, Извештајот доаѓа и во контекст на можности особено со Предлогот на Комисијата за Планот за раст за Западен Балкан. Сакаме Македонија да ја искористи оваа можност, рече Гир.

Што се однесува на суштината Извештајот е, нагласи тој, многу сеопфатен и е на 120 страници. Во делот на политичките критериуми, документот нотира дека Македонија продолжува да ги засилува своите напори за да ја зацврсти демократијата, додека се соочува со одредени предизвици во областа на владеењето на правото.