Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во Елисејската палата беше гостин на работната вечера што ја приреди претседателот на Француската Република Емануел Макрон, за шефовите на држави и влади учесници на Парсискиот мировен форум.
– Работната вечера во Елисејската палата, со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, е одлична можност, во пресрет на Парискиот мировен форум, да ја споделиме определбата за здружено дејствување и ефикасни одговори на актуелните предизвици во светот, објави Ковачевски на Фејсбук.
Премиерот Ковачевски денеска присуствуваше на отворањето на Парискиот мировен форум чија цел е поттикнување соработка и изнаоѓање решенија за предизвиците со коишто се соочува светот.
На Форумот што го отвори францускиот претседател Макрон присуствуваат повеќе лидери на држави и влади и претставници на меѓународни организации и од академската заедница.
На Парискиот мировен форум, премиерот Ковачевски ќе се обрати на тема „Адресирање на нееднаквостите и забрзана имплементација на целите за одржлив развој”.
Во рамки на работната посета на Париз, предвидено е Ковачевски да има билатерална средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски работи, Џејмс О’Брајан.