Здравствените проблеми и смртните случаи од високите температури стануваат се почести како што се загрева планетата, соопшти меѓународна група здравствени експерти, предвидувајќи дека до средината на векот поради високите температури ќе има 370 отсто повеќе смртни случаи годишно.
Светот веќе е на затоплување од 1,1 степени во споредба со прединдустрискиот период, поради што лани во просек имаше околу 86 дена со опасно високи температури ширум светот, се вели во извештајот објавен во здравствениот журнал Лансет.
Најзагрозени од топлотен удар се лицата постари од 65 години, а бројот на смртни случаи поради високите температури во таа возрасна група е зголемен за 47 отсто во изминатата деценија во однос на периодот од 1991 до 2000 година.
Истражувањето во кое учествуваат повеќе од сто експерти од 52 институции и агенции на Обединетите нации ја продлабочува загриженоста за здравствените последици од глобалното затоплување.
Студијата објавена претходно оваа година заклучи дека околу 61 илјада луѓе починале во текот на летото 2022 година поради топлотни бранови.
Извештајот во Лансет исто така наведува дека изложеноста на топлина во 2022 година доведе до 490 милијарди помалку работни часови, или 42 отсто повеќе во споредба со периодот од 1991 до 2000 година.
Почестите топлотни бранови би можеле да го загрозат снабдувањето со храна за уште 525 милиони луѓе, се предупредува во извепштајот.
Меѓународниот состанок на Обединетите нации за климатски промени COP28, што почнува во Дубаи на крајот на месецот, за првпат ќе ги разгледа здравствените последици од глобалното затоплување.