Францускиот претседател Емануел Макрон во синоќешните телефонски разговори со палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, го осуди насилството врз палестинските цивили на Западниот Брег, соопшти француското претседателство.
Во соопштението се наведува дека Макрон му рекол на Абас дека е неопходно палестинските власти и сите земји во регионот недвосмислено и со најголема решителност да го осудат терористичкиот напад што Хамас го изврши во Израел на 7 октомври.
Француското претседателство наведува дека Макрон во разговорот со Нетанјаху рекол дека во Газа има „премногу цивилни жртви“.
Макрон, исто така, рекол дека е апсолутно неопходно да се одвојат терористите од цивилното население во Газа, како и да се постигне итен прекин на огнот за испорака на хуманитарна помош.
Францускиот претседател, исто така, му ја пренел на Нетанјаху својата „голема загриженост поради ескалацијата на насилството врз палестинските цивили“ на Западниот Брег.
Фото: ЕПА