Не можеме да продолжиме да ги разочаруваме народите, поставувајќи пречки. Ќе треба и Европската Унија со посилни средства да покаже политичка волја за интеграција на земјите од Западен Балкан во европското семејство, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи на седмиот Самит во Солун (Thessaloniki Summit), организиран од Асоцијацијата на грчките индустрии и Форумот Делфи, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија уште еднаш ја повтори поддршката на Грција за европската перспектива на земјите од регионот, истакна дека остануваат „лојални и посветени на принципите на Солунската декларација од 2003 година“, а интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство „е взаемно корисна и историски неопходна“.
– Разбираме дека остварувањето на европските амбиции на државите од Западен Балкан е од особена важност. Не можеме да продолжиме да ги разочаруваме народите, поставувајќи пречки. Ќе треба и Европската Унија со посилни средства да покаже политичка волја за интеграција на земјите од Западен Балкан во европското семејство и соодветно државите од Западен Балкан треба да се усогласат со техничките делови на европското законодавство и на овој начин Европа ќе биде токму онаква каква што се стремиме да биде. Европа на просперитет на народите, на добра соработка, мир и помирување, порача Герапетритис.
Истакна дека европската перспектива на Западен Балкан започна токму од Солун со декларацијата од 2003 година, процес кој сега, 20 години подоцна, продолжува „можеби со побавно темпо отколку што сите би сакале, но секако со голема жар“.
Министерот за надворешни работи на Грција, говорот го заврши со дел од Атинската декларација од 21 август 2023 година, односно од неформалната вечера организирана од грчкиот премиер за лидерите од регионот, велејќи дека мора да се постави храбра и амбициозна конечна цел, која ќе биде водич, инспирација и рамка на дејствување.
– Во оваа насока ќе продолжиме да работиме храбро и со амбиција дека во догледна иднина европското семејство ќе расте и ќе се ревитализира, порача Герапетритис.