Не е многу важно дали Бугарија во иднина ќе има нови барања, важно е дека ние создадовме ѕид кон кои било бугарски барања, а тоа е преговарачка рамка, а протоколите, не се дел од неа. Уставните измени се многу поголема пречка за продолжување на европскиот пат и постои можност да ни се повтори Букурешт 2008-та година, оцени денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Прашан во однос на изјавата на неговата бугарска колешка Марија Габриел, дека уставните измени не се единствената обврска на патот кон ЕУ во однос на Бугарија, Османи рече дека не сака да ја отвора таа дебата помеѓу нас и оваа соседна држава сега во овој предизборен период, бидејќи, како што рече, обично потоа се злоупотребува од политичките фактори. Тој појасни дека на 15 и 16 декември кога во Брисел се одржуваше Самитот на ЕУ предлогот којшто стигнал на маса на лидерите во еден од заклучоците за Македонија стоело дека Македонија покрај Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија треба да ги имплементира и протоколите, но оти заклучок којшто помина на самиот Самит, не ја содржи реченицата и протоколите.

-Не е многу важно сега дали Бугарија во иднина ќе има нови барања, важно е дека ние создадовме ѕид на кои било бугарски барања, а тој ѕид се нарекува преговарачка рамка. Преговарачката рамка има јасно утврдени пори што може да пропушти, што не може да пропушти. И ова беше најдобар пример како едно бугарско ново барање кое ние сметаме дека не е дел од Преговарачката рамка не може да го пробие ѕидот наречен преговарачка рамка. Значи имавме конкретен случај. Јас можам да ви ги доставам двата документи. Предлог со реченицата и протоколите и крајниот изгласан заклучок без протоколите. И тоа ќе биде иднината на односот со Бугарија во однос на преговарачката рамка. Ќе можат да поминат низ порите на преговарачката рамка само тоа што таму е предвидено, а тоа е дека во бенчмаркови за отворање и затворање на поглавја нема прашања поврзани со идентитетските и историски прашања. Да, за малцинските прашања, да, за човековите прав,а затоа што ние баравме да се измести фокусот од идентитетско – историската траекторија на малцинско – човековите права. Така што, ова е најдобриот одговор и на министерката Габриел која што еве не знам така беше пренесено од страна на медиумите дека има нови барања. Барањата ќе бидат само тие што ќе ги пропушти преговарачката рамка и ништо повеќе. И тоа е најголемата заштита за нас, за процесот, рече Османи на заедничката прес конференција со албанскиот колега Игли Хасани пред Состанокот на Комисијата за партнерство на А5.

Прашан дали доколку не ги спроведеме уставните измени постои ризик да не ја добиеме помошта на ЕУ за раст на Западен Балкан, Османи рече дека е потврдено од сите чинители дека Европската Комисија ќе ја носи одлуката дали земјата ги има испорачано реформите за да го добие делот од тие пари.

-Значи нема да има одлука на земји членки, па тука Бугарија да може да го искористи своето влијание. Така што, мислам дека треба да ги направиме реформите, но уставните измени се многу поголема пречка. Јас кажав денеска на едно интервју се плашам дека може да ни се повтори Букурешт 2008-та. Тогаш бевме со Албанија и со Хрватска, имавме поповолна понуда за името отколку таа што на крај ја имавме како конечна понуда во 2018 година, не ја прифативме затоа што немавме храброст. Од истите актери изгубивме 15 години, Албанија и Хрватска стана членки на НАТО, уште тогаш изгубивме 500 илјади граѓани кои ја напуштија државата заради бесперспективност и на крај го решивме прашањето. Истото може да ни се случи сега заради или немање храброст или од овој бран на темни националистички сили коишто сакат да ја киднапираат иднината на граѓаните и пред се, да ги предизвикаат малите народи кои преку земање на бугарски пасоши или преку миграција, може да го загрозат јадрото на самиот народ, рече Османи.

Упати на последните прокеции од Државниот зваод за статистика дека, како што наведе, со ваквиот тренд државава за неколку години може да падне на милион и 300 илјади граѓани. Тоа се егзистенцијални прашања за народите, а такви прашања во моментот опозицијата ги држи во заложништво, оцени министерот Османи.