Крајбрежните области на Калифорнија веќе трет ден се опустошени од огромни бранови и поплави.

Поради невообичаено големите бранови, властите затворија многу плажи долж брегот на Калифорнија. Во тешко погодениот округ Вентура, брановите ги надминаа морските ѕидови и носеа паркирани автомобили по улицата, блокирајќи ги патиштата за службите за итни случаи, рече локалниот началник на пожарникарите Брајан Мекграт.

Поплавен е и локалниот хотел, при што е предизвикана штета на сите соби во приземјето. Иако времето почнува да се смирува денеска за жителите на Северна Калифорнија, крајбрежните области на Централна и Јужна Калифорнија се уште се загрозени од екстремни бранови. Некои бранови во областа на Калифорнискиот Залив можат да достигнат висина од 12 метри, што е отприлика висина на телефонски столб. „Плажите, пристаништата и шеталиштата НЕ се безбедни“, соопшти Националната метеоролошка служба во Лос Анџелес, а пренесе Си-Ен-Ен.

„Знаеме дека брановите изгледаат импресивно и дека многумина би сакале да го видат тоа. Но, ги замолуваме граѓаните да се држат настрана и да не се приближуваат до крајбрежната област заради нивна и наша безбедност“, изјави вчера Мекграт.

Надлежните служби вчера спасиле 10-ина лица кои мислеа дека можат да се справат со брановите. Двајца посетители на плажа помогнале да го извлечат спасителот кој се обидувал да се врати на брегот, откако спаси лице во близина на пристаништето, изјави пожарникарот Енди ВанСивер.

Во четвртокот, речиси 20 луѓе беа однесени од огромни бранови што удрија во бариерата на плажата Вентура. Осуммина повредени се пренесени во болница. „Беше застрашувачко и апокалиптично“, рече Колин Хоаг, кој ги снимал луѓето како бегаат од бранот што премина преку бариерата. „Луѓето викаа, врескаа. Трчав најбрзо што можев“, изјави Хоаг.