Кина ќе санкционира пет американски производители на воена опрема како одговор на најновата продажба на американско оружје на Тајван, рече денес портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во изјавата, тој предупреди дека неодамнешната продажба на американско оружје на Тајван „сериозно го поткопува суверенитетот и безбедносните интереси на Кина и се заканува на мирот и стабилноста во тајванскиот теснец“, пренесува Ројтерс.

Компаниите кои ќе бидат санкционирани се BAE Systems Land and Armament, Alliant Tećsistems, AeroVironment, Viasat и Data Link Solutions.

Кина ќе ги замрзне средствата на овие компании и ќе го забрани нивното работење во Кина, изјави портпаролот на кинеското Министерство.

Минатиот месец Стејт департментот одобри 300 милиони долари за опремување на тактичките информациски системи на Тајван.

Продажбата на оружје од САД на Тајван често е извор на тензии во односите Вашингтон-Пекинг бидејќи Кина го смета Тајван за своја територија, што регионалните власти во Тајван го отфрлаат, наведува Ројтерс.

Агенцијата додава дека кинеските санкции се воведени пред претседателските и парламентарните избори во регионот на Тајван, кои се одржуваат на 13 јануари, кои Кина ги означи како избор меѓу војна и мир.