Министерот за култура Асаф Адеми соопшти дека 071 329 040 е телефонскиот број на кој може да му се јави секој што сака да укаже на неправилност во врска со поддршката од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
Достапноста на директен телефонски број Адеми ја најави кога соопшти дека верува во стручноста и чесноста на деветте комисии кои почнуваат денеска со работа за оценка на пристигнати проекти по дејности.
Во соопштение до медиумите министерот изјави дека целта на директната комуникација со него е да се обезбеди правично и стручно разгледување на проектите и да се избегне незадоволството кое, како што наведува, поради манипулации и злоупотреби се јавува во изминатите години.
Обраќајќи им се на културните работници, уметници, издавачки куќи, продукции, организации и други институции, кои се пријавиле на објавените годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година, Адеми вели дека им гарантира дека при изборот на проектите ќе нема никаква злоупотреба или манипулација.
– Затоа ве молам да бидете внимателни и да не станете жртви на манипулации. Доколку се најдете во таква ситуација, ве молам да ми пишете директно на телефонскиот број 071 329 040, можете и на whatsapp и viber. Времето на злоупотребите веќе е минато, пишува во писменото јавно обраќање на министерот за култура Адеми.