Целата оваа фарса што се прави околу законот за амнестија е смислено сценарио со само една причина да продолжи агонијата на сите лица вклучени во процесите од 27 април, истакна денеска во Собранието на Република Македонија, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како што беше речено, очекувале негативно мислење од Владата за нивниот предлог-закон за амнестија оти тоа е сценарио од власта за да продолжи агонијата обвинетите. Партијата останува на ставот дека нема да учествува во работата на координативното тело за помирување, но, потенцираат, доколку тоа понуди решение за неселективна правда ќе го поддржат. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат и дека има простор низ дебата со власта да се подобри решение за амнестија за кое Владата вчера даде негативно мислење.

– Ние очекувавме дека ќе има ваков развој на настаните од причина што и самиот закон во моментот кога го поднесовме согласно собранискиот Деловник не беше ставен на првата седница односно беше одбиен од страна на мнозинството. Така што сето ова води кон еден заклулчок дека целата фарса што се прави и недавањето поддршка за презентација на законот за амнестија е смислено сценарио, рече Мицевски.

Тој додава дека доколку мнозинството сака има можност преку дебата со одредени амандмани да го подобри решението што го предлага ВМРО-ДПМНЕ.

– Ние не поддржуваме насилство во Собранието никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тоа не го поддржува. 27 април е еден немил настан што се случи, но селективноста во правдата и она што ни го нудат со телото за помирување нема да ја долови сликата за тоа што е крајна цел на неговото формирање, рече Мицевски.

Тој потврди дека партијата останува на ставот дека нема да учествува во работата на координативното тело, но ќе ја следи. Доколку се донесат неселективни одлуки и неселективна правда за сите учесници што можат да бидат опфатени согласно закон, ќе дадеме поддршка, рече Мицевски.

Притоа појасни дека поддршката ќе зависи од тоа што ќе биде понудено и кога ќе биде понудено, дали пред или по завршувањето на постапката за уставните амандмани.

Вчера Владата даде негативно мислење на предлог-законот за аменстија на сите осомничени, обвинети и осудени за 27. април, предложен од ВМРО-ДПМНЕ. За овој предлог закон ќе се расправа на собраниска седница.