„Ја следам уште од утрово таа еуфорија која што се обидува да ја создаде политичката партија ДУИ, нејзините највисоки функционери за тоа дека голем успех е постигнат. Веројатно цела држава ќе беше еднакво еуфорична да се реализираше таа огромна инвестиција за нови електрични автомобили која што се најави пред година дена и за која што и државата даде државна помош. Но, освен камен темелникот во Тетово, до ден денес после година дена уште стои само тој камен темелник“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во емисија на ТВ21.
Муцунски додаде дека граѓаните ќе беа еуфорични ако ДУИ реализираше барем една инвестиција во државата.
„Веројатно ќе бевме еуфорични ако се изградеше некое ново патно решение, но и од тие решенија поврзани со патиштата гледаме само многу пари исплатени, многу камен темелници, но ниту не километар туку метар пат нема. Ќе бевме еуфорични веројатно да гледавме систем кој што ќе функционира наспроти, на пример, Државна лотарија предводена од ДУИ, која што во последниве денови даде неколку лиценци за електронски игри на среќа, набавува секојдневно стотици, ако не и илјадници нови слот машини. Веројатно ќе имаше еуфорија ако немаше таков систем на функционирање од страна на ДУИ, туку да имаше ред и поредок во државата“, појасни Муцунски.
Тој посочи дека од негова перспектива ништо еуфорично не се случи денес, денес се влезе во еден технички процес, процес за организирање на избори. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше, беше воздржана во гласањето по однос на господинот Џафери.
„Ние сметаме дека и законски несоодветно, но и морално и етички несоодветно е претставник од ДУИ, следејќи ги низата скандали. Ќе набројам само два, на 100 метри од нас видовме како едно момче од 28 години го купи трговскиот центар „Соравија“. А, пред неколку недели видовме како претседател на локален огранок на ДУИ во моментов кога 30-тина авиони летаа над небото на Македонија влезе во кулата за авио контрола во нашата држава, критичен елемент на нашата безбедносна инфраструктура. Значи тоа е ДУИ“, рече тој.
„И затоа сметаме дека тоа е партија која што нема ни тронка одговорност спрема јавноста, спрема системот, спрема институциите“, нагласи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски укажа дека желбата за етнизација на состојбите во државата е тема која што ДУИ ќе сака да ја вметне длабоко и во изборниот период.
„Наместо да зборуваме за инвестиции, наместо да зборуваме за владеење на правото, наместо да зборуваме за ценење на луѓето врз основа на нивните успеси и индивидуални резултати и нивното образование, ние зборуваме за етнички прашања. А, тоа единствено им одговара на СДС и на ДУИ. Зошто само тоа на нив им одговара? Бидејќи не можат да се пофалат со ниту еден успех“, истакна Муцунски.