Законот за рестриктивни мерки е уште една потврда на решителноста и посветеноста на Владата предводена од СДСМ за борба против корупцијата која дава резултати, изјави претседателот на СДСМ и бивш премиер, Димитар Ковачевски во интервју за порталот Локално.
Ковачевски додаде дека овој закон претходната Влада веќе го донесе, усогласен со надлежните институции, и го испрати во Собранието.
-Техничката Влада и премиер во моментов преземаат некакви активности од административна природа, како што ја информираат јавноста, но јасно изјавија дека Законот ќе биде доставен повторно во Собранието што и очекувам да се случи, рече Ковачевски.
Бившиот премиер додаде дека за борбата на Владата која тој ја предводеше против корупцијата говори и Индексот на перцепција на корупција за 2023 година на Транспаренси Интернешнл, според кој Македонија има подобрување и се наоѓа на 76-то место со 42 индексни поени, споредено со 2022 година кога бевме на 85-то место.
-Земјата забележува напредок во борбата против корупцијата и тоа дава поттик за оваа тема и понатаму да остане еден од врвните приоритети на СДСМ и Владата која ја предводев и ќе ја предводам на европскиот пат. Воедно, мислам дека е важно да нагласам дека САД се наш стратешки партнер и тие го поздравуваат секој напор и секој закон со којшто се бара отчетност и одговорност. Во тој контекст, ваков тип на закони неспорно придонесуваат кон безбедна и сигурна иднина за граѓаните – рече Ковачевски.