Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) втор ден штрајкуваат поради најавите за кратење на нивните плати. Сите подрачни единици и денеска нема да извршуваат работни задачи, освен најитните. Според најавеното, ќе бидат скратени услугите кои се однесуваат на барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомести за породилно отсуство и за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазични обрасци итн. Непречено ќе работат лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба.
– Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и оние кои се во други синдикати. Да останат оние плати што ги добивме со декемвриската. Не бараме ништо повеќе, туку само да ни останат платите во висина како што беа со декемвриската. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата, рече вчера претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
Тој упати апел до Владата, на денешната седница, на која веќе пратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери, да отвори точка на дневен ред, да се разгледа нивното барање.
– Како што донесоа заклучок со препорака УО да ги намали платите, да донесат нов заклучок со препорака да остане истата вредност на бодот, тоа 77,16 денари, таа вредност да биде до крајот на оваа година. Во моментов горе во оваа зграда се сите раководители на ФЗО од подрачните единици, вклучително со директорите од централната, на состанок. Направивме иницијатива потпишана од сите директори на подрачни единици, каде гарантираат дека ќе се извршуваат сите работни задачи и дека ќе останат и дека ќе има пари во Фондот за исплата на платите, како што се сега и граѓаните да бидат спокојни, дека ќе има лекови и помагала за сите, додаде Деаноски.
Тој рече и дека ФЗО е институција со највисок буџет во државата и таа, како што нагласи, секогаш има пари.
– Ќе има пари и да останат овие плати на вработените, како што тоа го договоривме со менаџментот на ФЗО, појасни Деаноски, додавајќи дека доколку се намалат платите, „само може да биде полошо“.
Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, додаде дека досега нема пријавено никакви инциденти, ниту проблеми.
-Граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме, нагласи тој и додаде дека лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба, продолжуваат непречено да работат.
Аџигогов наведе и оти засега нема информации дали Управниот одбор ќе заседава.
-УО ја прифати дури и таа иницијатива да ја разгледа. Значи, ние бевме и кажано беше, нема проблем, нека поминат изборите, понатаму да продолжиме со разговори, да видиме што е проблемот. Значи, во моментот ниту еден вработен во ФЗО не бара вина, ниту бара кривица ниту од вработените во ФЗО што се на раководни структури, ниту од Министерството за финансии. Едноставно сакаме да ни се реши проблемот и да ни останат истите плати, појасни Аџигогов.
Целосна поддршка на штрајкот на вработените во ФЗО – УПОЗ стигна од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи (ССКЦ) во државата. Претседателот на овој синдикат, Предраг Серафимовски, вчера изјави дека се надева дека УПОЗ ќе се избори во остварувањето на правата на своите членови, коишто им следуваат согласно законите, колективните договори и меѓународното трудово законодавство.
Доколку се исполни намалувањето на платите во ФЗО, согласно препораката како што ја дава Владата, според синдикатот, околу 500 вработени ќе примаат плата под минималецот.
По најавата за штрајк на вработените во ФЗО, од Министерството за финансии во соопштение порачаа дека не се работи за намалување на нивните плати туку се прави обид за нивно повторно зголемување кое, како што наведоа, реално ќе има фискални импликации во буџетот на Фондот.
Од МФ посочија дека платите во ФЗО во текот на 2023 година се зголемени повеќепати и тоа 2.100 денари или околу седум отсто во март 2023 година со усогласување со минималната плата, исто така имало зголемување на плати само во ФЗОМ за 2,5 проценти во јануари 2023 година и за 3,5 отсто во август 2023 година.
– Согласно Општиот колективен договор, има предвидено зголемување од 10 отсто, како и за сите вработени во јавниот сектор. Односно, кумулативното зголемување на платите во текот на 2023 година во ФЗО е околу 25 проценти. Дополнително на ова, вработените во ФЗОМ во текот на 2023 година остварија право на регрес во нето висина од 10.000 денари. Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата на РСМ му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот, да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, а тоа би значело дека за зголемување на платите на вработените, ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните, информираа од Министерството.
Фото: МИА Архива