Секој ден порано вакциниран е инвестиција во подобра иднина. Ефектот од овие вакцинации ќе ги видиме по 10-тина дена или две недели. За комплетно појавување на ефикасноста е неопходно трите дози да бидат заокружени, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски за епидемијата со голема кашлица (пертусис).
Според него, поголемите деца се заштитени од тешка клиничка слика со пертусис, а најголем ризик постои кај малите невакцинирани и делумно вакцинирани.
Кај малите деца може да има страшна клиничка слика и смртни последици. Од тоа треба да се спасиме во моментов, навести докторот.
Моите информации се дека пунктовите веќе ќе почнат со две смени и во сабота, почнувајќи од утре. Ќе се одговори соодветно на интересот, кажа Петличковски во емисијата „Топ тема“ за вакцинацијата.
На прашањето колку време постои заштита од оваа имунизација, докторот вели дека е неколку години кога ќе се комплетира целиот циклус – примовакцинација со три дози на 2,4 и 6 месец, засилувачка доза на 18 месец и засилувачка доза на 7 години.
Тој додава дека за болеста има ефикасна терапија.