Министрите за надворешни работи од Вајмарската тројка (Германија, Франција и Полска) разговараа за продолжување на помошта за Украина, борбата против руските дезинформации и актуелните безбедносни предизвици.

Состанокот се одржа во замокот Сен Клу во близина на Париз, јави Укринформ.

– Во изминатите две години, Украинците храбро се спротивставија на рускиот терор. Ќе бидеме со нив сè додека му требаме на украинскиот народ. Зајакнувањето на нашата поддршка зависи од соработката на Франција, Германија и Полска во следните месеци, па дури и години, како и од нашата способност да дејствуваме заедно во рамките на ЕУ и НАТО, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Таа додаде дека во Германија е откриена огромна мрежа за проруски дезинформации и најави развој на соработка за борба против руската пропаганда.

Шефот на француската дипломатија, Стефан Сежурн изјави дека Европа нема да дозволи Русија да ги украде слободните гласови на 400 милиони граѓани кои ќе гласаат летово.

– Денес, заедно со моите колеги од Германија и Полска почнуваме превентивен механизам во Вајмарскиот формат, систем за одговор за јавно осудување на странско мешање, кое е неприфатливо, и да ги мобилизираме сите лостови за негово откривање, квалификување, осудување и разобличување, нагласи Сежурн.

Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, рече дека Путин се обидува со сила да ги промени границите на Европа и има за цел да ја победи Украина со лаги и демагогија, а потоа да го подели Атлантскиот пакт.

– Мораме да ги почитуваме нашите обврски кон Украина, како и целосно да ги спроведеме санкциите што самите ги воведовме кон Русија и да се спротивставиме на руската кампања на дезинформации и кибер-напади. Мораме да ја зголемиме нашата будност и соработка за да спречиме процут на овие видови методи, рече Сикорски.

Вајмарскиот триаголник е основан во 1991 година како формат на меѓународна соработка меѓу Полска, Германија и Франција.

Фото: ЕПА