Русија е на пат кон воена надмоќ во војната во Украина бидејќи има поголема резерва на сили и материјална поддршка од земји како Северна Кореја и Кина, предупреди разузнавачката служба на Норвешка.
Претставувајќи го годишниот извештај за проценка на ризик на норвешките разузнавачки служби, шефот на военото разузнавање, Нилс Андреас Стенсонес, рече дека на Украина ќе и треба „значителна“ воена помош од Западот за да може да се надева дека ќе ја сврти ситуацијата на фронтот.
„Во оваа војна, Русија сега е во подобра позиција од пред една година и е на пат да го преземе водството“, изјави Стенсонес.
Тој додаде дека Русија може да мобилизира трипати повеќе војници од Украина, дека Москва се прилагодува на санкциите подобро од предвиденото и дека нејзината индустрија сега е способна да произведува муниција, борбени возила, беспилотни летала и проектили кои им овозможуваат на руските сили да се борат во текот на целата година, пренесува Бета.
Стенсонес рече дека Русија има воена помош од Северна Кореја, Иран, Белорусија и Кина, кои не и дадоа оружје на Москва, но на руската индустрија за оружје и обезбедија машини, возила, електроника и резервни делови.
„За да можат украинските сили да се одбранат и повторно да ја преземат иницијативата во војната, ќе биде потребна значителна помош од Западот во вооружувањето“, рече тој, наведувајќи ја потребата од муниција, оружје со долг дострел, противвоздушна одбрана, тенкови и борбени авиони.
Русија вчера воведе санкции за 18 британски државјани, вклучително и голем број врвни академици, поради, како што соопшти Москва, обиди да се демонизира Русија и да се поттикне војна во Украина.
„Принудени сме да констатираме дека русофобичните британски претставници не бегаат од обидите за дискредитација на уставниот систем и општествено-политичките процеси во нашата земја“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Фото: МИА архива