По изгласувањето на законот за истополовите бракови, лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА Стефанос Каселакис и неговиот сопруг Тајлер Макбет на лето ќе склучат брак и во Грција, откако претходно, во октомври минатата година тоа го сторија во САД, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервју за грчката телевизија „Стар“, Макбет истакна дека легализацијата на истополовите бракови во Грција е „одличен чекор во вистинската насока за земјата“.

Секако, има уште работи што треба да се покријат, односно законот не беше особено опфатен, како на пример, за правата на трансродовите лица. Но, во однос на напредокот во смисла на еднаквоста мислам дека е одлична можност. Во однос на сценариото за стапување во брак на лето, одговорот е да. Размислуваме за тоа, ќе го сториме тоа овде, во Грција, следново лето, откри Макбет.

За идните планови со Каселакис објасни дека нивната цел е да имаме постојан дом во Грција на долг рок.

Парот е во брак од средината на октомври склучен во САД каде што и живееја Каселакис и Макбет пред лидерот на СИРИЗА да ја достави кандидатурата за претседател на најголемата грчка опозициска партија, по што се преселија во Атина.

Грција минатиот месец со широко мнозинство во Парламентот го легализираше бракот на истополови парови.

Лидерот на СИРИЗА отворено говори за неговата сексуална ориентација, нешто што го спомена и во видеото кога ја објави кандидатурата за претседател на партијата, додека пак неговиот партнер Тајлер е постојано со него.