Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од делегатите на 27. Конгрес вечерва побара поддршка за кандидатурата за втор претседателски мандат на Стево Пендаровски.
Ковачевски порача дека Пендаровски има јасна визија за просперитет на државата и за нејзина интеграција во Европската унија.
-Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. Во неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат да стане членка на ЕУ, рече Ковачевски.
Истакна дека денеска собрани се над 20.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за претстојните избори и оцени дека ги демантирале сите критичари и скептици кои сметаат дека СДСМ не е најдобрата опција за државата.
– На овој начин најдобро се потврди она што го говорам две години, дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е СДСМ, рече Ковачевски.
По неговото обраќање следува работен, затворен дел, по што ќе се обрати и кандидатот за претседател на државата.
Откако завчера ја најави и официјално кандидатурата за претседател на државата, Пендаровски денеска ги обезбеди и потребните 10 000 потписи за граѓанската кандидатура, кои како што информираше неговиот Кабинет, се собрани за неполни пет часа.