Регулаторната комисија за енергетика ги излажа граѓаните дека со воведувањето на фиксната мрежарина нема да се покачат сметките за електрична енергија, тврди универзитетскиот професор д-р Дејан Трајковски кој постојано ги следи состојбите во енергетскиот сектор.
Вака бевме излажани од РКЕ со фиксната мрежарина. Пред крајот на минатата година РКЕ (Регулаторната комисија за енергетика) ја извести јавноста дека од 1.1.2024 година се воведува фиксен дел од мрежарината, чие влијание врз висината на сметките за електрична енергија наводно ќе било компензирано преку намалување на варијабилниот дел од мрежарината. Освен тоа, беа наведени процентуалните зголемувања и намалувања во разни тарифни групи од високата (ВТ1…ВТ4) и ниската тарифа (НТ).
Клучниот збор е „процентуални зголемувања“, додека апсолутните зголемувања и новите цени не беа дадени. Со тогаш дадените процентуални зголемувања и намалувања тогаш имав извршено симулации за висината на сметките при разни нивоа на потрошувачка, при што сметките според стариот и новиот модел навистина изгледаа приближно исти. Поточно, при потрошувачка до 470 kWh/месец новиот модел требаше да даде поголеми сметки, а при потрошувачка над 470 kWh/месец новиот модел требаше да даде помали сметки.
Но, дојде време на веб сајтот на РКЕ ( https://www.erc.org.mk/page.aspx?id=287 ) да ги видиме новите цени , а на крајот на краиштата ги добивме и сметките за електрична енергија, па во прво лице се уверивме колкави се навистина новите цени.
Анализите со новите цени покажаа дека сите ние бевме излажани, како мали деца со едно обично усно соопштените. Подолу во коментарите е поместена табела со старите и новите цени на електричната енергија во разните тарифни групи, како и симулација со една модел-сметка.
На прв поглед, сé исгледа како што треба. Доколку едно семејство потрошило 14% од вкупната потрошувачка во групата ВТ1, 28% во ВТ2, 2% во ВТ3, 0% во ВТ4 и 56% во НТ, тогаш вкупното поскапување на електричната енергија, вклучувајќи ја варијабилната мрежарина и ДДВ од 18% изнесувало 0%, т.е. исто како и пред 1.1.2024 година.