Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска информира дека реорганизацијата и зголемувањето на капацитетите во делот на управните служби дава резултат.
– Повеќе нема чекање со месеци за фотографирање за пасош по итна постапка во Скопје и од денес граѓаните кои ќе побараат термин, ќе го добијат за истиот или наредниот ден, се наведува во денешното соопштение од МВР.
Со новиот модел на достава на личните карти на граѓаните во Скопје доставени се четири и пол пати повеќе лични карти. Имено, пред две недели го укинавме претходно воспоставеното решение за достава на лични карти според кое полициски службеници ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните и воведовме нов механизам за достава така што граѓаните можат во било кое време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Во тој контекст за само две недели доставени се вкупно 12476 лични карти, односно во просек по 891 дневно, што е четири и пол пати повеќе во однос на претходно кога за период од 50 дена (18.01.2024 – 09.03.2024г.) биле доставени 10100 лични карти, односно 202 дневно. Овие бројки покажуваат дека новата мерка која ја донесовме пред две недели, а која се темелеше врз основа на претходно направени анализи е исправна и дава одлични резултати, вели Тошковски.