Најмалку пет лица загинале, а 30 се повредени во турканица и грабање со употреба на оружје што се случило утринава за време на поделба на храна во градот Газа, соопшти палестинската Црвена полумесечина.

Илјадници луѓе од пред зори чекале да пристигнат 15 камиони со брашно и други прехранбени производи, а на видео снимките на агенцијата АФП се слушаат истрели и врисоци, пренесе Бета.

Тројца од пет лица загинале од оган од оружје, соопшти Црвената полумесечина.

Според очевидци, припадници на „Комитетот за народна заштита“, одговорен за следење на дистрибуцијата, пукале во воздух, додека во турканицата камионите прегазиле луѓе.

Се спомнува и „силен оган“ од израелски тенкови кои се наоѓале во близина, но израелската армија соопшти дека „немало инцидент“.

Во Газа каде што се гладува, поделбата на храна неколку пати се претвори во насилство.

Помошта во храна многу тешко стигнува до жителите, особено на северот на Појасот Газа, каде што има околу 300.000 луѓе, бидејќи конвоите бавно доаѓаат до нив од југот на територијата, во која влегуваат од Египет преку единствениот граничен премин.