Владата на седница одржана на 27.02.2024 година постапувала по Известување од Министерството за финансии за вработување на нови лица во случај на итни и неодложни работи во ЈЗУ. По насоките од Владата, МФ на 12.03.2024 година доставило до ФЗО известување за обезбедени финансиски средства за ангажирање на 459 лица со договор на дело во триесет и пет ЈЗУ, објави на социјалната мрежа на Фејсбук Елена Петрова, дополнителен заменик министер за финансии.

Ова е спротивно на Изборниот законик, според кој по распишување на изборите за итни и неодложни работи се дозволува САМО ВРАБОТУВАЊЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ. Тоа е постапка која се спроведува со јавен оглас на кој може да учествуваат заинтересирани лица и да биде избрано лице кое ги исполнува условите. Договорот на дело пак е однос кој се воспоставува со определено лице, без можност да се вклучат повеќе заинтересирани лица.

Според Изборниот законик, итни и неодложни работи се дозволени вработувања по распишување на изборите САМО ВО ТОЧНО ОПРЕДЕЛЕНИ СЛУЧАИ: замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен и сезонски работи. Дали 250-те медицински лица и 209 лица од друг персонал (преведувач, статистичар, дактилограф, општ работник и т.н.) се за замена на отсутни или починати вработени и за сезонски работи?

Согласно мојата надлежност и обврска да се грижам за законито користење односно располагање со буџетските средства во овој период кога се распишани изборите и е формирана преодна Влада заради организација на изборите за наведената повреда на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите ќе поднесам пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во прилог се одредбите од Изборниот законик и задолжението од Влада од седница одржана на ден 27.02.2024 година, стои во објавата на Петрова.