Министерот за образование и наука бил спремен да го повлече дописот што претходната недела го испрати до основните училишта во Македонија, за да си ги одработат во следните саботи, деновите кои владата ги прогласи за „неработни“ поради претстојните двојни избори. По искажаниот револт од родителите за оваа одлука, а и по реакцијата на СОНК, Министерството бара други алтернативни решенија за одработување на овие денови, објавува ТВ Сител.
„Доставениот допис од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура за промена на донесената одлука, ќе биде разгледан со должно внимание и уверуваме дека доколку постои поинаков алтернативен начин за регулирање на предизвикот во согласност со правните прописи, ќе биде соодветно постапено“, велат од ресорното министерство за Сител.
Во МОН се бара начин како да се надополнат часовите во текот на работната недела од понеделник до петок и сите опции се во игра. Доколку се најде решение, оттаму се децидни дека нема да се учи во сабота.
Одлуката на Шаќири основците да одат на училиште во сабота на 18 мај и 1 јуни, просветните работници е дискриминирачка, оти истата не важи ниту за средните училишта, ниту за високо-образовните институции.
Основните училишта во Скопје, освен деновите за изборите ќе треба да одработат уште еден ден поради самитот на ОБСЕ.
И додека МОН крои решение дали основните ќе учат уште две, односно три саботи до крајот на оваа учебна година, познато е дека во деновите пред изборите, во училиштата каде ќе се одржува избирачкиот процес, наставата ќе се реализира со скратени часови, од 7 до 11 часот.