Авионот на германската канцеларка Ангела Меркел, со кој од Берлин вечерва тргна на Самитот Г20 во Аргентина, принудно слета во Келн.

Како што наведува Велт, одлуката за промена на курсот и враќање на авионот е донесена еден час по полетувањето.

Според првите информации, се работи за технички проблем, односно дефект во електронскиот систем и немало голем безбедносен ризик.

Службите за итни мерки во Келн биле веднаш известени и подготвени го пречекале авионот на пистата по слетувањето. Засега не е познато кога ќе биде обезбеден друг авион за канцеларката Меркел да отпатува на самитот на Г20 во Аргентина.

Капетанот на владиниот авион Ербас А340 им соопштил на патниците дека одлучил да го замени авионот на аеродромот во Келн, во северозападна Германија по „дефектот на неколку електронски уреди“, но рекол дека нема опасност.

Авионот Конрад Аденауер, именуван според првиот повоен канцелар, кој владата го користи за службени патувања и дипломатски работи, полетал од Берлин на 15 часовен лет кон Буенос Аирес, но се вратил назад кога бил на небото во Холандија.

Фото: Пожарникарските и екипите за итни случаи подготвени го дочекаа авионот на Меркел на аеродромот во Келн