Промовирањето на идеологијата за „Голема Албанија“ ќе доведе до нестабилност на Балканот и обновување на конфликтите, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
– Таква реторика може да предизвика нарушување на стабилноста на Балканот, обновување на меѓуетничките конфликти и поткопување на повеќегодишните напори на меѓународната заедница за обезбедување мир во регионот, нагласи руското МНР.
Во текстот се наведува дека на заедничката седница на владите на Албанија и на Косово на 26 ноември, албанскиот премиер Еди Рама објавил план за создавање на единствена албанска држава. Руското МНР ја осудува таквата изјава, нарекувајќи ја „провокација“, која има за цел да лансира идеологија за создавање “Голема Албанија“.
Москва очекува јасна реакција од страна на САД и ЕУ, како и осуда на таквата концепција, која е насочена кон дестабилизација на Југоисточна Европа.
Западните медиуми потсетуваат дека „Голема Албанија“ е паналбанска идеја за обединување на сите територии, на кои живеат етнички Албанци. Во таков случај може да има претензии кон дел од Грција, половина од Македонија, цело Косово, дел од територијата на јужна Србија, како и половина Црна Гора.