Индијците денеска гласаат во последната фаза од долготрајните општи избори, одржани во рекордни летни жештини во многу делови од земјата, а премиерот Нарендра Моди и неговиот главен ривал, лидерот на Конгресот Рахул Ганди, објавија дека ќе победат.
Изборите во седум фази, на кои речиси милијарда луѓе имаа право да гласаат, почнаа на 19 април и ќе завршат со гласање за последните 57 места – вклучувајќи ја и изборната единица на Моди во хиндуистичкиот свет град Варанаси.
Повеќе од 100 милиони луѓе имаат право на глас денеска во осум држави и сојузни територии, вклучувајќи ја северната држава Пенџаб и источните држави Бихар, Западен Бенгал и Одиша.
– Ги повикувам гласачите да излезат во голем број и да гласаат. Заедно да ја направиме нашата демократија пожива и попартиципативна, рече Моди по отворањето на гласачките места.
Моди се надева на трет последователен мандат како премиер додека неговата хинду националистичка партија Бхаратија Џаната (БЈП) се бори со опозицискиот сојуз од околу дваесетина партии предводени од Конгресната партија и се очекува да освои мнозинство.
Жешките летни температури со невообичаени топлотни бранови го зголемија заморот на гласачите во земјата со мнозинско хинду население со 1,4 милијарди жители, каде што невработеноста и инфлацијата се главната грижа на луѓето. Околу 20 членови на избирачки комитети починаа поради топлотен удар во Бихар и Утар Прадеш пред денешните избори, соопштија властите.