Интересот во Велика Британија за вести е намален за речиси половина од 2015 година, јави ДПА, повикувајќи се на студија на Институтот „Ројтерс“ за анализи во новинарството.
Бројот на Британци заинтересирани за вести се намали од 70 отсто од населението во земјата во 2015 година на 38 отсто во 2024 година, според истражувањето.
Истражувањето, завршено пред британскиот премиер Риши Сунак да распише општи избори за 4 јули, е дел од годишниот извештај за дигитални вести на Институтот за новинарство на Ројтерс. Во него се открива дека речиси половина од граѓаните таму, имаат тенденција да ги избегнуваат вестите, при што 46 отсто од испитаниците во репрезентативниот примерок велат дека тоа го прават често или барем понекогаш.
Учесниците во анкетата на Институтот беа прашани и дали им е доста од вести, а 38 отсто од нив признаа дека им е доста од протокот на информации, јави ДПА. Се посочува дека во најголем дел од тие случаи станува збор за вести за воените конфликти во Појасот Газа и Украина.
Во извештајот се вели и дека падот на интересот за вести е меѓународен тренд, а тоа го покажуваат и Бразил, Шпанија, Германија и Финска.
– Интересот на вестите е под влијание на често депресивното дневно покривање на нерешливиот конфликт на Блискиот Исток, рече Ник Њуман, виш научен соработник во Институтот Ројтерс и еден од водечките автори на извештајот.