Натпреварите Англија-Словенија и Србија-Данска не донесоа ниту еден гол во вечерната програма на ЕП во Германија, па со тоа Англија го задржа првото место во групата, додека Србија го заврши настапот на овој шампионат.

Србите вечерва имаа само една опција за да продолжат понатаму, а тоа беше победа против Данска.

Во финишот од мечот Србите зголемија на офанзива, но тоа не беше доволно да го совладаат Шмајхел.

Еднаш се израдуваа на погодок, тоа беше автогол, но во акцијата за голот Митровиќ беше во офсајд.

Со ова реми, Србија го завршува настапот на последното место во групата.

Словенија направи голем успех откако одигра 0-0 против фаворитот Англија и како една од најдобрите четири третполасирани оди во осминафиналето.

Англија одигра уште еден разочарувачки натпревар, но на крајот успеа да го освои првото место во групата со пет освоени бода.

Англичаните повторно не победија и ги разочараа своите фанови со неубедливото издание против цврстата Словенија која имаше јасен план да не загуби, но утеха за фановите е што „трите лава“ го освоја првото место и одат во делот од костурот во кој ги избегнуваат Шпанија, Германија, Франција и Португалија.

Интересна ситуација се случи во борбата за второто место, а Данска и Словенија имаа исти параметри се до последниот, односно скандинавската селекција ќе биде втора поради фактот што има подобар ФИФА ранкинг од Словенија.

Ова значи дека Данска во осминафиналето оди на селекцијата на Германија и тој натпревар ќе се игра во сабота.

Противникот на Англија ќе биде дополнително познат, а натпреварот е планиран за во недела.