Премиерот на Унгарија Виктор Орбан престојува во Виена за да го промовира „Патриотски манифест“ со Херберт Кикл, лидер на австриската крајнодесничарска Партија на слободата, и Андреј Бабиш, поранешен премиер на Чешка.
Орбан, Кикл и Бабиш го потпишаа „Патриотскиот манифест“ изутринава во Виена, обидувајќи се да формираат најголем крајнодесничарски блок во Европскиот парламент.
Говорејќи за ТВ ФПО, Орбан денеска изјави дека ќе формира нова политичка сила, која според него ќе стане најголемиот десничарски блок во Европскиот парламент.
Унгарските медиуми претходно пишуваа за тоа дека Виктор Орбан работи на создавање нова фракција во Европскиот парламент. Освен австриските и чешките конзервативци и десничари, фракцијата треба да ја сочинуваат и претставници на партијата на словачкиот премиер Роберт Фицо, како и полската партија Право и правда (ПиС) која ја води Јарослав Качински.
Орбан и неговите сојузници на ниво на Европската унија изразија големо незадоволство од распределбата на позициите по изборите, кои претежно им припаднаа на функционерите од Европската народна партија (ЕПП) и Социјалдемократите. Ваквата распределба Орбан ја окарактеризира како удар врз цела Европа и нејзините вредности.
фото: Икс