Изминатите 14 години на политички превирања во Велика Британија, во Кабинетот на премиерот на „Даунинг стрит“, бр. 10 имаше една „фигура на стабилност“ – мачорот Лери. Миленичето на пет премиери би можел да го дочека и својот шести официјален сопственик, бидејќи општите избори во Обединетото Кралство се одржуваат на 4 јули.
Лери досега беше милениче на пет премиери од Конзервативната партија, а доколку анкетите се покажат точни, мачето наскоро би можело да го пречека и првиот шеф на Британската влада од Лабуристичката партија.
Со заминувањето на сегашниот премиер Риши Сунак, од Кабинетот би заминало и неговото куче, лабрадорот-ретривер Нова, што на Лери тоа „веројатно не би му пречело“, според луѓето околу „Даунинг стрит“, бр. 10. Сопругата на Сунак, Акшата Мурти изјави дека Лери и Нова имале „жестоки тепачки“ во домот.
Лидерот на лабуристите Кир Стармер неодамна изјави дека неговото семејство има мачка и хрчак. Сепак, кој ќе се пресели на „Даунинг стрит“, бр. 10 – допрва ќе се види.
Фото: МИА архива