Џо Бајден го оправда својот лош настап на дебатата минатата недела со набиениот распоред со патувања во неделите пред соочувањето со Доналд Трамп, пренесува холивудскиот портал Дедлајн.
На настан за собирање средства во Меклин, Вирџинија, Бајден изјави дека не било многу паметно што патувал низ светот неколку пати пред дебатата.
Претседателот рече дека не ги послушал своите соработници и поради тоа речиси заспал на сцена за време на дебатата.
Во дуелот со Трамп, Бајден се бореше да ги заврши речениците и го губеше текот на мислите. Наместо да понуди уверување на демократите дека има енергија, на 81 година, за кампања за втор мандат, сега има повици тој да се повлече.
Џо Бајден претходно во јуни патуваше во Нормандија, Франција, за одбележување на годишнината на Денот-Д од 4 до 9 јуни. Од Франција се врати во САД, а потоа повторно патуваше во Европа за самитот на Г7 во Италија од 13 до 15 јуни. Оттаму летна за Лос Анџелес за настан за собирање средства. На 20 јуни отпатува за Камп Дејвид, претседателското одморалиште, и остана таму една недела која вклучуваше подготовка за дебатата.
М.П.