Поранешниот прв вицепремиер и најблизок соработник на Али Ахмети, Артан Груби се враќа на факултетот по новинарство и нема да бара апанажа.
Груби за ТВ 24 вели дека дека се вратил на старото работно место.
-Се вратив на Универзитетот каде што сум вработен. Предавам на Тетовскиот универзитет, на Факултетот за новинарство.
На клиниката за дигестивна хирургија се враќа и Бујар Османи, неговите сопартијци пак Фатмир Бесими и Крешник Бектеши се уште не одлучиле дали ќе побараат апанажа. Се мисли и екс министерот за правда Кренар Лога, додека пак неговиот сопартиец Азир Алиу вели дека ќе се врати во приватниот информатички сектор.
Од фаворите на Али Ахмети во минатата Влада засега само екс министерот за образование Јетон Шаќири побарал апанажа, бидејќи како што вели како министер за образование дошол од функцијата директор на „Водовод“ – Струга. А бидејќи директорската функција не може да се стави во мирување, Шаќири вели дека нема старо работно место и затоа побарал апанажа.
Од таборот на Димитар Ковачевски апанажа побарал единствено екс вицепрмиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Тој за ТВ 24 вели дека барањето е поради тоа што останал без работа, а пред да влезе во Влада дал отказ на работното место. Тој беше четврти на листата која ја предводеше екс лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и која доживеа дебакл како впрочем и сите носители на изборите, па од единица влегоа само 3 кандидати.
Со оглед на тоа дека пред седум години ја напуштив организацијата во која бев постојано вработен немам работно место кое чека во мирување. Затоа ја искористив законската можност да побарам апанажа согласно законски утврдените права на поранешните функционери, вели Маричиќ.
Во Собранието добитно место освен Маричиќ не добија ниту екс вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, но таа за ТВ 24 вели дека веќе се вратила на старото работно место во МВР , како и екс министерката за животна средина Каја Шукова.