Јавното сообраќајно претпријатие демантира дека Градот Скопје има било каков долг кон приватни превозници. Во попладневното соопштение од таму наведуваат дека приватните превозници имаат обврски кон град Скопје согласно потпишаниот договор, и нема никакви должничко доверителски односи. Јавното претпријатие исто така поднело и соодветна тужба поради клевети, континуирано креирање паника и вознемирување на граѓаните од страна на поединечни политички инструирани превозници.
Долг од 140 милиони денари во ЈСП кон приватните превозници нема. Моменталните побарувања во ЈСП сметководствено изнесуваат 34 милиони и редовно се исплаќаат авансни средства, а тоа не е сериозен проблем од причина што големи суми се побаруваат во континуитет поради големите трошоци за нафта, односно секој месец отприлика околу 35 милиони месечно се фактурираат од превозниците во континуитет, наведуваат од претпријатието.
Тврдат дека фактури за превозот кои дел од превозниците ги доставиле на 28.06.2024 година, по преглед од страна на службите во ЈСП било утврдено дека се неверодостојни исправи.
Додаваат дека доколку приватните превозници прекинат да им ја испорачуваат услугата на граѓаните ЈСП ќе поднесе тужби за надомест на материјална штета поради непочитување на договорните обврски.
Трета година по ред се работи на усогласување на приватните превозници со стандардите и пред секој истек на договор во обид да се избегне исполнување на еко стандардите, се јавуваат истите притисоци со цел да продолжат да сообраќаат со старите автобуси, обвинуваат од ЈСП.