Бугарскиот народен пратеник од Петричко, Сребрен Поп – Петров во таен извештај од 1931 година напишал: „Мисијата за која бев испратен во Албанија е важна и  јас се погрижив да ја извршам и покрај пречките што ги имав, па сега барам инструкции дали да се продолжи со мисијата… Сé што зависеше од мене веќе е завршено. Сега се налага од нужда и од високи национални интереси да се изврши и тоа што зависи од министертвото за да не отиде во неповрат и она што досега е направено.“

Пишува: Блаже Миневски   

Во таен извештај од престојот меѓу Македонците во Албанија, доставен до бугарскиот премиер Александар Малинов во јули 1931 година, народниот пратеник од Петричко, Сребрен Поп – Петров, „имал можност  непосредно да  забележи каде и колку Македонци има во границите на Албанија и во какви услови живеат“. Притоа, меѓудругото, самиот ќе забележи дека во гратчето Билишта, на пример, има 40 куќи, а во блиското село Врбник дури 120 куќи. Во истиот извештај има податоци и за бројот на Македонците кои пред 85 години живееле во деветте села на Мала Преспа. Во овие села имало 270 македонски семејства. Во Лин имало 90 македонски домаќинстава покрај 120 албански семејства, а во Подградец живееле 15 македонски семејства. Во Голо Брдо, според „пописот“ на Сребрен Поп – Петров, кој, како што вели, самиот го реализирал од 1928 до почетокот на 1931 година, имало над 300 македонски домаќинства, а чисто христијански села биле Крчишта и Врбница. Во оваа област, Македонци со исламска вероисповед имало околу 1 900 куќи и, што е интересно, според Поп -Петров, овие нашинци, како што вели тој, се  многу „позачувани национално и јазички од православните“.

Во меснота Гора, пак, со новата граница биле отцепени 10 села со околу 1000 домаќинства Македонци муслимани. Во истиот извештај се евидентирани и Македонците кои живееле во други делови на Албанија пред 85 година, а особено е интересен е податокот дека во двете чисто македонски села во близина на Корча, во селата Бобиштица и Дреново имало околу 400 македонски куќи. Во Бобиштица живееле 250 а во Дреново – 150 македонски семејства. Во Скадар според истиот извор живееле 30 македонски домаќинства, во Тирана имало 20 семејства Македонци христијани и 40 семејства Македонци муслимани. Или, според Поп – Петров, во Албанија пред осумдесетина години живееле околу  15 000 илјади Македонци христијани и околу 25 000 Македонци муслимани, иако албанската статистика во тоа време не евидентирала ниту еден Македонец во Албанија.

Полицајци од Тирана оделе по селата во Мала Преспа и ги кинеле сите книги што не биле напишани на албански јазик!

„Фанатизирани Албанци – муслимани ги тероризираат свештениците, оние што останале живи, да учат и да читаат на албански, но и да го променат старословенскиот јазик на фреските и иконите со албански јазик. Албанските учители строго им забрануваат на децата во училиштата да зборуваат на својот мајчин јазик, а тоа им налагаат да го прават и дома, да не говорат на мајчин, туку на албански јазик. Има случаи кога сосема мали дечиња се казнуваат за говорење на мајчиниот јазик со лут пипер во устата и слично. Исто така се забранува и читање на весници и книги кои не се на албански јазик. Во 1929 година службеници и полицајци од Тирана оделе од куќа во куќа по селата во Мала Преспа и ги кинеле сите книги што не биле напишани на албански јазик. Свештеникот Лазар Мушимов и четворица негови соселани од село Врбник биле задржани во Билишта неколку седмици, а потоа интернирани неколку месеци во Круја, затоа што селаните во тоа село упорно настојувале да добијат учител на мајчин јазик, и затоа што купувале книги и весници на мајчин јазик. Ги ослободиле откако им зеле изјави дека во иднина ќе читаат само албански весници и книги, и дека сите фрески и икони ќе ги напишат на албански јазик.

Многу наши села бараат наши училишта, но албанската власт не сака ни да слушне за тоа, иако веќе има и веќе работат грчки и српски училишта. Сега има дури 51 грчко село во кое има училиште и богослужба на грчки јазик, а има и неколку српски училишта во српските црковни општини во градот Скадар, иако се обидуваат да ги спречат. Инаку, во Скадар, има 35 наши семејства, 60 семејства се сметаат за Црногорци и 90 семејства Власи“, пишува Поп -Петров, додавајќи дека ја исполнил работата предвидена со мисијата во Албанија во најширока смисла на зборот, односно „без да се дознае вистиската цел за која бев испратен“, а дека е тоа така „нека се види од 100-те рапорти што ги доставив до соодветното министерство во Софија“.

Потоа, во продолжение на извештајот, специјалниот пратеник, односно инспектор – организатор на црковно-училишното дело во Албанија, се жали на тоа дека од пред две години платата му доцнела по три, четири, па и повеќе месеци, а веќе две години не му биле исплатени ни трошоците за патувањата низ Албанија, а згора на тоа Бугарската царска амбасада пред една години му ја одзела и канцеларијата во нивната зграда, исфрлајќи му ја доверливата архива, а за тоа никој досега не му одговорил ниту го информирал за преземените мерки:

„Од сето она што го изнесувам јасно е дека мисијата за која бев испратен во Албанија е важна и дека јас се погрижив да ја извршам и покрај пречките што ги имав, па сега барам инструкции дали да се продолжи со мисијата, и дали има смисла во вакви услови да се продолжува. Сé што зависеше од мене веќе е завршено. Сега се налага од нужда и од високи национални интереси да се изврши и тоа што зависи од министертвото за да не отиде во неповрат и она што досега е направено.“

Како Малик беј Фрашери ја присвоил земјата на Македонците од Горица

Според Македонецот Трпо Поповски, роден во село Косинец, Костурско, егзархиски учител во Македонија пред Руско-турската војна, ракоположен за свештеник во 1893 година, претседател на Црковната  општина во Костур и член на Битолскиот окружен комитет на ВМРО од 1904 до 1906 година, а сега Охридско-дебарски архијерејски намесник во Тирана –  во Скадар, на пример, во 1914 година живееле 43 македонски семејства, меѓу кои и семејствата Матови, Тортеви, Велкови, Чепунови, Тримчеви, Галабови, Каваеви, Калајџиеви, Чакарови, Белеви и други. Освен овој документ, мошне интересен е и документот, односно реакцијата на селаните од Горна Горица во Мала Преспа од 2 септември 1932 година во врска со зулумите и настојувањата на Малик Бег Фрашери да го присвои целокупното селско земјиште во атарот на селото. Според нивната реакција, „селото Горица има 62 куќи со 560 души Македонци, а се наоѓа во една многу живописна месност недалеку од  брегот на Горно-преспанското езоро“, и само половина час од  југословенската граница:

„Веќе 25 години селаните водат дела пред официјалните државни власти против Малик беј Фрашери и неговите роднини, кои по незаконски и узурпаторски пат пред 60 години, откако убија тројца наши кметови, самите себеси се наметнаа како стопани на селото без да имаат за тоа никакви официјални докуменити со кои може да се потврди дека нашето село го купиле наводно како некаков чифлик, и доколку го купиле, од кого и за кои пари. Не можејќи да ја докажат својата сопственост над селото, ние селаните ја отфрливме таа измислица, а Битолскиот  суд, уште во турско време, пред триесет години, го реши прашањето во наша полза. Оттогаш ние сме вистински сопственици на селското земјиште и селската планина, пасиштата и ливадите, каде до пред три години пасеше нашата стока. Така беше до 1924 година кога нашето село попадна под Албанија, и тогаш Малик Фрашери, окуражен од својот зет д-р Башо, подигна ново дело пред албанската власт за да си го присвои селото и да добие документи дека Горица е негов чифлик. Со притисоци сака да добие разни приазнанија од селаните со кои ќе докаже дека целото село и целиот наш имот се негови, а потоа да извади тапии и да бара баснословни суми за да го откупиме она што е наше од него. Тој веќе ја протера нашата стока од пасиштата, а од август месец веќе се прикажува како единствен сопственик на селото. Албанската судска власт од Корча веќе ни нареди во рок од три дена да го испразниме селото, зашто тоа е во сопственост на Малик Фрашери и неговите роднини, а се што имаме собрано како летина да ни биде одземено за плаќање на судските трошоци за  судското дело. Со ваквото силеџиско дело и драстична казна  на улица се исфрлаат 560 души за да му се угоди на еден средновековен јаничар, чиј живот е само грабежи и убиства, а сега власта му помага она што го крадел да го завладее по редовен и законски пат“, пишуваат селаните од Горица, додавајќи дека ако не се промени одлуката на судот ќе мора да се иселат до Албанија во Југославија или во Бугарија. Во име на селаните под реакцијата до амбасадите во Тирана, заверена со селскиот печат на Горица, се потпишани Јован Толе и Ламбе Јанев.

Писмо на Георги Попхристов до ЦК и задграничното претставнитво на  ВМРО од 11 август 1927 година

„Слаби сме во сите односи, а  непријателите не  удираат по сите линии!“

„Драги другари, влегов во врска со сите наши пријатели, кои искажаа готовност да не помогнат, а сега ќе ги оганизирам и нашите села овде во Албанија. Засега работата оди добро. Верувам и се надевам дека и во оваа не многу променета од лани положба во Албанија може да се помине зимата овде. Има услови за престој и за работа, кои ќе заависат многу и од луѓето што ќе останат со мене. Треба да се побараат такви што се со силна волја и желба за работа, да се приспособат кон карактерот на земјатата, да се решени на страдање и маки, но најаважно е да ја имаат при срце самата работа, а не да се помируваат со тоа што се работело досега. Мора да признаеме дека и ние самите сме виновни што овде не сме ја зацврстиле нашата база. Се надевам дека за многу брзо време ќе успеам да  изградам канали и врски по целата граница со внатрешните центри на Организацијата. Откај Грција веќе имам редовна врска, редовно стигнува кореспонденцијата преку луѓе кои доаѓаат на пазар во Билишта. Засега слабо оди откај српско, но има знаци дека ќе попушти затегнатоста на состојбата по границата, па тогаш ќе влезам во врска со Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Битола и другите наши градови. Пратив курир за проба. Инаку, јас веќе подолго време одам по селата и барам селаните да поднесат барања до власта за отворање на наши училишта со наши учители, и тие веќе тоа го прават, но треба постојано да имаат помош и поддршка во таа насока. Исто така, по секоја цена, преку Цариград, треба да се испратат црковни книги, зашто инаку даваме можност да се шири српската и грчката пропаганда а ние секојдневно да ја губиме почвата под нозе. Во село Врбник најдов испратени црковни книги, како и парична помош за црквата. Тоа прашање е многу важно и мора да се обрне  поголемо внимание, зашто умните додека умуваат, будалите си ја вршат работата. Во Тирана, пак, мора што побрзо да имаме наш човек. Кој се спрема за местото на Поповски? Она говедо Икономов уште ли ќе се трпи? Право да ви кажам, да ги подредам работите и ќе смислам нешто да го тргнам него од таму. Во таак насока треба да се имаат предвид и следниве работи:

На Зогу, кој е доста уплашен од ВМРО, според кажувањето на негови блиски, треба неодложно и категорично да му се  постават нашите скромни услови. Во Рим треба да отиде еден од задграничното претставништво, најдобро Наум Томалевски. Тука постојано треба да има наш човек, кој ќе ја диктира положбата и ќе ги одржува  личните пријателства со угледни личности во Албанија. Мора да се назначат учители под покровителство на Егзархијата. Пари треба да има повеќе за набавка на оружје, особено динамит…“

 Известување на Бојан Даневски од 1927 година до ЦК на ВМРО за условите за илегално дејствување  во Албанија

 „Македонското движење не може да очекува сериозна албанска поддршка!“

„Во амбасадата во Тирана, Икономов ми кажа дека знаел за моето пристигнување (Иван Тодоров Икономов, конзул  на Бугарија во Скопје од 1908 до 1912 година, генерален конзул  и шеф на бугарското дипломатско претставништво во Тирана од  1925 до  1928 година. н.з). Последен дознав дека албанскиот конзул од Рим телеграфирал на Министерството за надворешни работи, а тоа и соопштило на бугарската амбасада. Нашиот дипломатски претставик е добар готвач и одличен гастроном. Сите му се смеат – Албанци и дипломати. Плашлив е и не се среќава со никого.

Поповски, напротив, е пријател со сите, мали и големи. Веднаш се посомнева во мене и почна да зборува преку загатки. Мое мислење за тој човек е дека е способен, необично амбициозен, решен да прави големи комбинации. И од него и за него дознав многу нешта но сметам дека не беше тоа целта на патувањето. Пратеникот Еребара ме замоли да го информирам Љапчев веднаш да го повлече Поповски, зашто е сомнителен во врска со комунисти и федералисти, нанесувајќи голема штета и на Албанија и на Бугарија. Самиот тој кажа дека Икономов е неспособен за ништо. Инаку, Тирана е полна со агенти и шпиони. Српскиот секретар, штом се запознав со него, веднаш ме праша „дали сум сопирал во Белград и во кои градови во Албанија ќе одам“, известил Бојан Дановски, театарски режисер и педагот, кој студирал во Италија, а подоцна специјализирал во Германија и СССР.

Пишувајќи го извештајот по обиколката на повеќе градови и села во Албанија, на враќање во Рим, самиот ќе констатира дека „македонското движење не може да очекува сериозна албанска поддршка додека состојбите во Албанија се такви какви што се, односно додека Албанија не се среди по кошмарот што го преживува во последните неколку години“.