Градоначалникот на Ново Село, пожарникари и цивили кои беа заробени од пожарот на планината Огражден и кои преку драматично обраќање преку Фејсбук побараа помош, пред малку се евкуирани со словенечки хеликоптер.
Веста ја споделија струмичките пожарникари со видео на кое се гледа како се упатуваат кон хеликоптерот.
Неколкуте пожарникари од ТППЕ Струмица, заедно со градоначалникот на Ново Село Ѓорѓе Божинов и цивили беа заробени од огнената стихија над селото Бадилен во радиус од 500 метри.
Во драматично обраќање преку фејсбук градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов заедно со тим на пожарникари од ТППЕ Струмица и неколку цивили побара помош да бидат евакуирани од местото на пожарот над селото Бадилен каде од сите страни се заробени од огнената стихија.
Од сите страни околу нас гори и очекуваме двата хеликоптери кои го гаснат пожарот да изгаснат еден негов дел за да можеме да се евакуираме или да дојдат по нас да не земат, бидејќи сите копнени врски се прекинати, изјави Божинов.
Како што изјави Божинов тие се опколени од огнот во радиус од 500 метри и очекуваат што побргу да бидат извлечени.