Нема чекање на граница, ВИП третман, посебни шалтери на светските аеродроми, патувања без визи и шопинг со даночно и царинско олеснување – Антикорупционери со дипломатски привилегии. Претседателската Татјана Димитровска веќе има дипломатски пасош, а нејзините колеги чекаат на ред во МНР. За многумина ова е проблематично затоа што може да се наруши угледот на Антикорупциската комисија.

Димитровска се правда дека дипломатскиот пасош и следува затоа што била функционер избран од Собранието, а таквите функциопнери имаат легитимно право да ги побараат ваквите привилегии.

„ Легитимно право е на секој член да си побара, има институција која ќе цени дали им следува Да, ни следува, по основа на функционер избран од Парламентот. Пасошот не е побаран за злоупотреба за приватни цели, туку затоа што сме често поканети и на настани во други држави“, рече Димитровска во телевизиско гостување.

Поранешни антикорупционери за Алфа потврдуваат дека таква пракса досега ниту имало, ниту имало потреба да има. Според нив, доколку веќе треба документ за полесно патување, тогаш можеле да земат службен пасош, кој носи одредени погодности, но не исти како дипломатскиот.

„Во досегашната пракса, не памтам претседател на ДКСК или член, да поседува дипломатски пасош, особено што и покрај дипломатската постои и службена патна исправа која се разликува од дипломатската во однос на привилегиите и ограничениот имунитет во државата во која се престојува“ коментира екс антикорупционерот Воислав Зафировски.

Антикопруционерите треба да бидат олицетворение на функционери без привилегии, вели Зафировски.

„Лично сметам дека ако некој државни функционери треба да се откажат од привилегиите тоа се токму членовите и претседателот на ДКСК, кои треба да бидат пример и олицетворение на лица без привилегии. Особено, не на дипломатски привилегии кои овозможуваат дипломатски привилегиран статус. Воведувањето на ваква пракса би штетело на угледот на членовите на ДКСК“ вели Воислав Зафировски.

И екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за Алфа потврди дека ниту еден член од минатиот состав немал дипломатски пасош.