Полицијата ќе го проверува работењето на Лотарија на Македонија. По информацијата дека Лотарија од 2017 година незаконски давала лиценци за приредување онлајн игри на среќа иако не смеела да го прави тоа бидејќи и била истечена лиценцата, МВР оформи предмет. Од Министерството за Алфа информираат дека започнале постапка за проверка на изнесените информации за незаконското работење на Лотарија.
Во врска со случајот со Државна лотарија, Ве информираме дека по добиено известување од Министерството за финансии, во ОСОСК (Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал) во координација со ОКП (Оддел за криминалистичка полиција) оформен е предмет и започната е постапка за проверка на информациите за незаконско издавање на лиценци за приредување игри на среќа од страна на „Лотарија на Македонија“, велат од МВР.
Работењето на Лотарија е ставено под лупа, откако по барање на Министерството за финансии, Владата одзеде лиценци на две фирми за приредување игри на среќа. За едната се знае дека е „Арена Гаминг“ дооел Струмица, а за другата дека е од Скопје. Лиценците им се одземени за незаконско работење и неподмирување на законските давачки.
„Арена Гаминг“ по барање на Министерството за финансии, добила лиценца за работа од Владата на 5-ти јули 2022 година за период од шест години. Според јавно достапните податоци на Министерството за финансии, станува збор за автомат клуб лоциран во Кавадарци, односно за поставување 31 автомати за игри на среќа и еден електронски рулет, а лиценцата ја потпишува поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
Кои точно давачки не биле плаќани и за колку е оштетена државната каса допрва ќе треба истражните органи да проверуваат.
Според објавената лиценца, друштвото е должно да плаќа посебна давачка во висина од 20 отсто на разликата меѓу вкупните уплати и исплати, како и посебна давачка од 1,5 отсо пресметано на разликата меѓу вкупните уплати и исплати на Агенцијата за млади и спорт, и 1,5 отсто од разликата за финансирање на здравствена заштита.
Инаку, автентичното толкување на Законот за игри на среќа побараа пратеници од двете владејачки партии, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, кои предлагаат целосно нов и поригорозен закон од измените кои беа донесени неодамна.