Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, објави видео од евакуација на жители во светиниколското село Немањица, каде беснее пожарот, со порака дека нема ништо повредно од животот на луѓето.

– Во многу села очајните сопственици не сакаат да ги напуштат домовите бидејќи тие се се што имаат. Но, сепак животот и здравјето секогаш треба да бидат на прво место. Останувањето во куќа околу која беснее оган може да доведе до трагични последици. Вакви примери вчера имаше на повеќе места, вклучително и во светиниколското Немањица, напиша Ангелов.

Пожарите со кои се справува Македонија веќе еден месец вчера ја земаа и првата жртва. Повозрасно лице се задушило од чад во пожарот што го зафати кумановското село Кокошиње, а неговата сопруга била евакуирана, информираше Ангелов.

Во текот на вчерашниот ден имало 42 пожари, од кои 17 се сè уште активни, четири се под контрола, а 21 е изгаснат.

Огнот зафати 12 села од кои во Кумановско три села, исто толку и во Старо Нагоричане и во Свети Николе, две села кај Пробиштип, како и штипското село Стар Караорман. Најголемиот дел од опожарените куќи биле стари и во нив не живеел никој, но изгореле и куќи во кои се живее, како и неколку викендички.

Поради сериозноста на пожарите мораше да се евакуираат и жители на опожарените села. Од видеото се гледа дека и Ангелов ги убедува жителите да ги напуштат домовите кои беа во опасност да бидат опожарени.

– Тешки и опасни моменти. Загрозени беа животите на луѓето, а некои жители не сакаа да ги напуштат домовите иако огнот беше многу близу. Едноставно, од страна на пожарникарите, се проверуваа и дел од куќите загрозените од пожарот, случајно некој жител да не останал внатре. Тешко им беше да ги напуштат домовите, вели Ангелов.

За пожарот што е закана и за Свети Николе се прават напори да биде локализиран со цел да не дојде до првите куќи во градот. На терен освен пожарникарите се и припадници на Армијата, а од воздух еден армиски хеликоптер  и три ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. МВР информираше дека полициските хеликоптери вчера исфрлиле 50 тони вода врз пожарите во Светиниколско.

Од ЦУК информираат дека пожарот над Прилеп во кој беше во опасност да изгори манастир е локализиран.

Фото: ЦУК